Годин во трка со времето за стартот на сезоната

Антонио Конте се соочува со сериозен проблем откако едно од најголемите летни засилувања, Уругваецот Диего Годин, заработи повреда и најверојатно нема да може да биде подготвен за стартот на сезоната. Екс-фудбалерот на Атлетико Мадрид се повреди за време на пријателскиот меч со ПСЖ, а деталните прегледи покажаа кинење на мускулни влакна на левата нога.

Првичните прогнози се дека Годин ќе паузира меѓу 20 и 30 дена, што го прави крајно неизвесен за стартот на новата сезона. Интер во првото коло на 26 август ќе го пречека Лече, по што за 1 септември е закажано гостувањето на Сардинија против Калјари. Останува да се види дали лекарскиот тим ќе го оспособи дефанзивецот за овие две средби, по кои ќе следи пауза за репрезентативни настапи.

Годин летово пристигна како слободен играч од Атлетико во Интер и се очекува да биде командант на одбранбената линија на тренерот Конте.

Се вчитува...