Година на спортското срце – Вардар, Ливерпул, Торонто…!

Актуелнава 2019 година, иако се уште незавршена, и досега ни покажа дека спортот е непредвидлив. Дека срцето на шампионот е многу поголемо од сите проблеми. Спортските колективи во светот покажаа дека парите и создавањето мега-тимови не се клучот за успех. Вардар, Ливерпул, Торонто се само дел од клубовите кои ја одбележаа годината, иако на стартот од сезоната никој не очекуваше од нив дека можат да одат до крајот.

Македонскиот ракометен шампион го повтори успехот од 2017 година и вторпат во историјата на клубот ја покори Европа. Ракометарите повторно ја искачија Македонија на врвот на ракометна Европа и покрај сите проблеми со кои се соочија во текот на годината. Немаа земено плата девет месеци, пред четвртфиналниот двомеч со Пик Сегед им беше соопштено дека проектот Вардар е завршен. Сепак, успеаја сето тоа да го пребродат и прво со неверојатна игра да се простат од скопската публика во „Јане Сандански“, а потоа и покрај негативата од Барселона од седум гола во полуфиналето на Ф4 во Келн, да успеат да стигнат до титулата.

Фудбалерите на Ливерпул минатата година несреќно загубија во финалето на Лигата на шампионите од Реал Мадрид, благодарение најмногу на голманот на „црвените“ Лорис Кариус кој имаше натпревар за заборав. Годинава и покрај одличната сезона ја загубија титулата во Премиер-лигата. Во групната фаза од Лигата на шампионите загубија од Црвена Звезда, а во последното коло во 90. минута новиот голман Алисон Бекер со неверојатна интервенција успеа да го спаси сонот за нова титула во елитното натпреварување. Во полуфиналето имаа негатива од три гола по првиот меч на „Камп ноу“ против Барселона, а во судиското надополнување Дембеле имаше 100% шанса за огромни 4-0. Чуда се случуваат, а особено на стадиони како „Енфилд роуд“, па во реваншот со неверојатна игра ја совладаа Барселона, а финалето против Тотенхем беше само рутинско завршување на работата.

Последната неверојатна приказна е титулата на Торонто во НБА лигата. Вечните губитници. Тимот кој изминатите сезони беше елиминиран од Леброн Џејмс. Раководството кое беше нападнато бидејќи се откажа од лицето на „франшизата“ Демар Дероузен, за да го доведе „стаклениот“ Кавај Ленард во своите редови. Го доведоа ветеранот Марк Гасол. Едноставно отидоа на се или ништо, а на крајот сето тоа се исплатеше со титула и тоа против „империјата“ која изминатите пет години доминираше со најсилната кошаркарска лига во светот.

Ова се само дел од неверојатните спортски достигнувања, а помината е само половина година. Тука се и фудбалерите на Ајакс кои беа блиску до сезнација во Лигата на шампионите. Хокеарите на Сент Луис кои стигнаа до првиот трофеј во НХЛ лигата, како и репрезентацијата на Финска која го освои Светското првенство во истиот спорт. Ќе им се приклучи и Украина или Јужна Кореја, кои изненадувачки играат финале на Светското првенство до 20 години во фудбал?!

2019 година е година на „аутсајдерите“ година во која срцето покажа дека е поголемо од се!

Се вчитува...