Година за рекорди на Шкендија: Сезона за паметење за Хасани, Ибраими, Османи и „компанија“!

Малку кој во домашниот фудбал можеше да очекува дека Шкендија на ваков начин сезонава ќе стигне до шампионската титула. Но, дефинитивно повеќе од заслужено доминација преку која тетовци одбележаа и бројни рекордни запишувања како за македонскиот, така и за европскиот фудбал.

Шкендија до трофејот стигна со неверојатна бодовна разлика од +35 поени во однос на второпласираниот Вардар, на тој начин рушејќи го и рекордот на француски ПСЖ како досега тим кој со најголема бодовна разлика успеал да стигне до шампионска титула во национално првенство, воопшто во историјата на европскиот фудбал. Шкендија со 91 освоен бод, наспротив 56 на Вардар, сега се запишаа во аналите на европскиот фудбал како тим кој стигнал до титулата со најголема бодовна разлика во однос на конкурентите.

ПСЖ во сезоната 2015/2016 трофејот во Франција го освои со 31 бод предност во однос на второпласираниот Лион. Во таа сезона, ПСЖ на врвот беше со 96 бода, а второпласираниот Лион заврши со 65 бода.

А, тимот на Ќатип Османи, кој без сомнение е еден од најзаслужните за овој успех, секако веќе се запиша и во историјата на македонскиот фудбал. Тетовци стигнаа до круната со најголема бодовна разлика во 25 сезони на Првата македонска фудбалска лига во независна Македонија. Досега, Вардар го чуваше овој рекорд од сезоната 1992/93 кога до титулата стигна со 21 бод предност во однос на вицешампионот Силекс.

??CHAMPIONS 2017/2018?⚫?

A post shared by KF Shkëndija (@fcshkendija) on

Шкендија е втор тим во независниот македонски фудбал кој успеал да постигне и до повеќе од 100 гола во една сезона. Претходно, тоа и успеа само на генерацијата на Вардар од сезоната 1992/1993 кога сезоната ја завршија со 119 постигнати погодоци.

На крајот, од оваа сезона, во историјата се запишува и Бесарт Ибраими кој со 23 гола е најдобриот стрелец за сезоната 2017/2018. Ибраими е првиот фудбалер во македонскиот фудбал на кого му успеало трипати едноподруго да дојде до епитетот најдобар стрелец во Првата лига!

Се вчитува...