Ѓока: Ботошани е одличен тим, но ние сакаме прогрес во следната рунда од ЛЕ

Шкендија го одржа официјалниот тренинг во Романија во пресрет на утрешниот меч против Ботошани во квалификациите од Лигата на Европа. Оптимистички расположени и со верба во своите квалитети, тренерот Ернест Ѓока и капитенот Егзон Бејтулаи на прес – конференцијата најавија дека Шкендија е заинтересирана единствено само за триумф и за прогрес во следното коло.

„Ботошани е одличен тим, ги анализиравме добро нивните добри и лоши страни и веруваме дека ќе успееме да се наметнеме на утрешниот меч. Дојдовме да победиме, знаеме дека оваа сезона во Европа се игра по еден натпревар, се е поинаку и тимот е подготвен да одигра на таков начин. Верувам дека ќе биде квалитетен меч, затоа што и Ботошани и Шкендија ги карактеризира допадлив и технички дотеран фудбал“, изјави тренерот на Шкендија, Ернест Ѓока.

Капитенот Егзон Бејтулаи верува дека Шкендија ќе биде тимот што на крајот ќе се радува.

„Играме на гости, но ќе нема навивачи и тоа можеби е еден мал плус за нас. Но, треба да се фокусираме на играта, бележиме напредок во последните неколку меча и мислам дека сме максимално подготвени за утрешниот натпревар. Верувам во успех“, истакна Бејтулаи.

Натпреварот меѓу Ботошани и Шкендија е закажан за утре, со почеток во 17.45 часот.

Се вчитува...