Ѓоковиќ: Чувствувам дека се наоѓам пред портите од рајот, но притисокот е навистина голем!

Новак Ѓоковиќ, најдобриот тенисер на денешницата, за два дена во Њујорк го почнува настапот на „Ју-Ес Опен“, последниот гренд-слам турнир годинава, на кој ќе се обиде да дојде до триумф со кој ќе си обезбеди место во „тенискиот рај“.

Евентуалниот триумф на терените на „Флешинг Медоуз“ ќе значи и календарски слам за Србинот, односно освојување на трофеите на четирите најголеми собири во иста година, што досега никому не му успеало да го направи. Истовремено, успех во „Големото Јаболко“ ќе го остави сам на врвот од листата најдобри по бројот на гренд-слам титули во кариерата, со оглед што во моментов е изедначен со Рафаел Надал и Роџер Федерер со по 20 пехари.

Ваквиот развој на настаните носи огромен притисок за Ѓоковиќ, кој и самиот го признава.

„Календарскиот слем би бил најголем успех во мојата кариера. Знам дека имам голема шанса во Њујорк, каде што во минатото играв добро. Публиката се враќа на трибините, едвај чекам да почнеме, но ќе одам чекор по чекор. Сонувам да дојдам до овој успех. Знам како ментално да се носам со големите очекувања, но притисокот е огромен.“, изјави Ѓоковиќ.

Србинот на стартот од „Ју-Ес Опен“ ќе ги одмери силите со 18-годишниот дански тенисер, Холгер Руне.

Се вчитува...