Ѓоковиќ е непобедлив – се врати од 0-2, го реши Циципас и испиша историја во светскиот тенис

Новак Ѓоковиќ ја продолжи жетвата на гранслем трофеи откако српскиот тенисер се закити со пехарот на Ролан Гарос, по фантастичниот пресврт и победата од 3-2 над Стефанос Циципас. Успехот е уште поголем ако се знае дека грчкиот тенисер имаше водство од 0-2 во сетови, пред Ѓоковиќ да воспостави целосна контрола и со извонреден пресврт да стигне до трофејот. Со тоа, Ѓоковиќ испиша историја станувајќи прв тенисер во историјата со по најмалку два пехари од секој од четирите гранслем турнири.

Почетокот на финалето беше крајно неизвесен, а Ѓоковиќ направи брејк за водство од 6-5. Кога се чинеше дека првиот носител ќе го добие сетот, Циципас одговори со иста мерка, па потоа во тајбрејкот поведе со 4-0. Новак за момент се врати, но Циципас беше поумешен во завршницата и го доби тајбрејкот со 8-6. Охрабрен по ова водство, грчкиот тенисер одигра одлично во вториот сет, добивајќи го со 6-2.

Тоа беше доволно за да се запали „алармот“, па Ѓоковиќ конечно да се разбуди. Србинот целосно ја презеде контролата над мечот, третиот сет го доби со 6-3, четвртиот со 6-2, а потоа во раната фаза од петтиот сет стигна до брејк. Циципас беше во нокдаун од кој не успеа да се опорави, а одличниот Србин го комплетираше фантастичниот пресврт за конечни 6-4 и 19. гранслем титула во кариерата на Новак Ѓоковиќ.

Се вчитува...