Ѓоковиќ: Федерер заслужува посебен третман

Новак Ѓоковиќ застана во одбрана на Роџер Федерер по обвинувањата што ги упати Французинот Жилиен Бенуа за привилегираниот статус на најтрофејниот тенисер во светот.

Бенуа неодамна изјави дека Федерер со години наназад има привилегиран третман, посебно на Австралија Опен и дека Швајцарецот во Мелбурн секогаш го добива вечерниот термин за да ги избегне високите температури.

Новак Ѓоковиќ во Лондон даде свое мислење за оваа ситуација. Првиот светски рекет не смета дека Федерер ужива поголеми привилегии од останатите тенисери, туку дека Швајцарецот заслужува и многу повеќе од тоа.

„Федерер и заслужува да има посебен третман бидејќи е шесткратен освојувач на Австралија Опен и еден од најдобрите играчи на сите времиња. Ако тој нема таков третман, кој треба да го има? Луѓето доаѓаат него да го гледаат како игра, сакаат да го видат во ударниот термин што на „Род Лејвер Арена“ е во 19.30 часот. Го разбирам и Жилиен бидејќи понекогаш се чини дека некои играчи имаат привилегиран третман на одредени турнири од година во година. Од друга страна, мора да сфатите дека Федерер е ударна сила во тенисот, во однос на приходите и вниманието што го привлекува. Жилиен и момчињата како него исто така профитираат од тенисот токму поради Федерер и она што го направи тој за овој спорт“ – изјави Ѓоковиќ.

Се вчитува...