Ѓоковиќ ги запали „моторите“, па го уплаши младиот Лоренцо – Србинот го доби маратонскиот меч и обезбеди четвртфинале на Ролан Гарос

Светскиот број еден тениски рекет, Новак Ѓоковиќ успеа да победи во еден долг и маратонски меч против младиот Италијанец Лоренцо Музети со резултат од 3-2 (6-7,6-7, 6-1, 6-0, 4-0). Последниот одлучувачки сет беше предаден од страна на Лоренцо, а ова значеше и билет за четврт-финале на Новак.

По првите два сета, Новак губeше од Музети со 2-0. Повторно, српскиот тенисер одигра слабо, имаше многу пропуштени шанси, ги испрати топките надвор од полето или завршија во мрежата, па во низа се редеа неизнудени грешки една по друга, а од спротивната страна Италијанецот беше брилијантен.

Сепак, Ѓоковиќ уште еднаш покажа зошто е најдобар тенисер во светот, тогаш кога беше најтешко и кога се помисли дека ќе ја заврши приказната во Париз, Србинот се врати во игра со неверојатни поени.

Ноле ги „запали моторите“, па на брза рака го освои третиот сет со убедлив резултат од 6-1, не давајќи му ни најмала надеж за било каков пресврт на Музети. Веќе во четвртиот сет Србинот си постави уште една цел, противникот да не освои ниту еден гејм, па со 6-0 успеа да изедначи на 2-2 во сетови. Во одлучувачкиот сет Новак беше повторно безпрекорен, а по резултат од 4-0, Лоренцо одлучи да го предаде мечот поради замор.

Ѓоковиќ успеа да се пласира во четвртфиналето, а негов противник ќе биде уште еден Италијанец Матео Беретини кој без борба го доби мечот што претходно го предаде Швајцарецот Роџер Федерер.

Се вчитува...