Ѓоковиќ го „преживеа“ Баутиста Агут, против Раониќ за историја

Новак Ѓоковиќ успеа да го „преживее“ Шпанецот Роберто Баутиста Агут и да се пласира во ново седмо финале на Синсинати мастерсот, кој годинава поради пандемијата од коронавирусот се одржува на терените на УС опен во Њујорк. Ѓоковиќ до победата стигна по пресврт со 2-1, по сетови 4-6, 6-4 и 7-6. Ѓоковиќ имаше многу проблеми во текот на мечот. Повредата на вратот која го ја влече цел турнир повторно беше присутна, а се пожали и на болки во стомакот.

На стартот секогаш незгодниот Шпанец повторно го оправда епитетот и успевајќи да ја умртви играта на Србинот стигна до водство освојувајќи го првиот сет со 6-4. Во вториот сет првиот рекет на светот врати со иста мера и го однесе дуелот во одлучувачкиот трет сет. Натпреаврот продожи како на клацкалка и во одлучувачкиот сет. Агут прв стигна до брејк и поведе со 2-1, по што следуваше серија од четири гема на Србинот и водство од 5-2. Кога се мислеше дека е урнат отпорот на противникот Агут успеа да врати со иста мера и да стигне до предност од 6-5 и да сервира за меч. Но, повторно следеше нов брејк овој пат од страна на Ѓоковиќ и натпреварот отиде во решавачкиот тај-брејк, кој најдобриот тенисер на светот го доби со максимални 7-0.

Во финалето Ѓоковиќ за противник ќе го има Канаѓанецот Милош Раониќ кој во првииот полуфинален дуел денеска беше подобар од грчкиот тенисер Стефанос Циципас со 2-0, по сетови 7-6 и 6-3. Доколку го совлада Канаѓанецот, Ѓоковиќ ќе стигне до втората титула на Синсинати мастерсот со која ќе влезе во историјата како единствен тенисер кој по двапати во кариерата ги освоил сите турнири од АТП Мастерс 1000 серијата. За потсетување тој е единствениот кој ги има обединето титулите на сите Мастерси.

Се вчитува...