Ѓоковиќ го реши Качанов, Надал во четвртфинале по седум години пауза

Новак Ѓоковиќ покажа дека големата криза е далеку зад него одигрувајќи уште еден добар меч на Вимблдон, славејќи со 3-0 над Русинот Качанов за пласман во четвртфиналето од овој гранслем турнир. Овој дуел тргна со брејк на Качанов веќе во првиот гејм, Ѓоковиќ експресно возврати, по што српскиот тенисер го контролираше мечот и заслужено триумфираше со 6-4, 6-2, 6-2.

Новак во битката за место во полуфиналето ќе се сретне со Кеи Нишикори, кој денеска во суперинтересен дуел славеше над Гулбис со 3-1 во сетови. Гулбис имаше предност од 1-0, но потоа Нишикори освои два тајбрејка во низа, го сврте резултатот во своја полза и на крајот славеше во четвртиот сет со 6-1.

Рафаел Надал немаше никакви проблеми против Чехот Весели, славејќи со убедливи 6-3, 6-3, 6-4. Шпанецот без оглед на резултатите до крајот на Вимблдон ќе остане на чело на АТП-листата, за него ова беше прво четвртфинале на британскиот гранслем по пауза од седум години, а следен ривал на Шпанецот ќе биде подобриот од мечот меѓу Дел Потро и Симон (вечерва беше прекинат при водство на Дел Потро од 2-1 во сетови).

Во преостанатите две четвртфиналиња ќе се сретнат Федерер и Андерсон, односно Раониќ и Иснер.

Се вчитува...