Ѓоковиќ и Надал под притисок за настапот во Саудиска Арабија

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал се наоѓаат под жестоки критики од јавноста поради нивниот настап на ревијалниот меч во Саудиска Арабија. Актуелните политички збиднувања и убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во амбасадата во Истанбул, ја ставаат Саудиска Арабија на листата на дестинации што треба да се одбегнуваат.

Ѓоковиќ и Надал треба да играат на 22 декември во Џеда и досега не се огласиле дека имаат намера да го откажат настапот во знак на солидарност  и јавна критика за Саудиска Арабија.

И двајцата тенисери се познати по својата хуманост и почитувани се во светот како големи хуманитарци и борци за еднакви права. И токму поради таквиот имиџ што го носат, бројни светски медиуми како „Њујорк Тајмс“ и „Гардијан“, сега ги критикуваат истакнувајќи дека пред нив има две опции.

Од една страна доколку одбијат да играат во Саудиска Арабија, тоа би можело да ја загрози нивната безбедност, но со тој потег тие би укажале на репресивната природа на режимот во Саудиска Арабија и би ја подигнале свеста за почитување на човековите права.

Од друга страна, ако не се откажат од настапот на мечот во Џеда, светот тоа ќе го сфати како нивна поддршка за режимот кој со ваквите активности настојува да ја „маскира“ целата ситуација.

Јасно е дека организацијата на вакви настани е обид за маскирање на вистинската ситуација. На Надал и на Ѓоковиќ останува само да одлучат каде ќе ги играат своите егзибициски мечеви, но ако веќе одат во Џеда, би сакале барем да ја искористат својата популарност и да свртат внимание на загрозувањето на човековите права. Макар и еден твит за храбрите борци за човековите права во таа земја би бил доволен за почеток“ – изјави претставникот на Амнести интернешнал, Алан Хогарт.

Ѓоковиќ и Надал за настапот на егзибицискиот меч во Џеда кој го организира локалната влада на крајот на декември,  треба да добијат по еден милион долари.

Се вчитува...