Новак Ѓоковиќ се приближува до крајот на својата кариера, од која огромен дел беше дел од „големата тројка“ заедно со Роџер Федерер и Рафаел Надал.
Србинот издржа најдолго на тениските терени, урна бројни рекорди што останаа недостижни за вечните ривали, но во последното интервју говореше и за недоволната почит што ја добива во однос на противниците.
„Јас сум човек со маани како и секој друг, тоа е сигурно. Сепак, секогаш настојував да живеам како што ми вели срцето, да имам добри намери и дефинитивно – секогаш да бидам она што сум. Кога говориме за таа тројка, секогаш се чувствував како дете кое никој не го сака, се прашував себе си зошто е тоа така. Потоа си мислев дека фановите ќе ме прифатат ако се однесувам различно, но ниту тоа не беше случај. Никогаш не бев сакан како Федерер и Надал затоа што никогаш и не требаше да се најдам таму. Јас бев оној малиот кој дојде последен и им кажа: Јас ќе бидам број 1. На многу луѓе не им се допадна тоа“, истакна Ѓоковиќ.
Тој се осврна и на односот што низ годините го развил со своите најголеми противници.
„Само затоа што некој ми е голем ривал не значи дека сакам да им се случи нешто лошо, дека ги мразам. Сакам само да ги победам на терен, се боревме толку многу пати, а јас секогаш сум имал најголема почит кон нив, никогаш не сум кажал лош збор за Федерер и Надал, ниту пак некогаш ќе сторам такво нешто. Сепак, би рекол дека секогаш подобра ми била комуникацијата со Надал“, открива српската тенииска легенда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА