Ѓоковиќ како брз воз го прегази Кецмановиќ

Новак Ѓоковиќ одигра уште еден импресивен меч на Вимблдон, пласирајќи се во осминафиналето откако вечерва без многу мака го совлада сонародникот Кецмановиќ со максимални 3-0 во сетови.

Новак беше перфектен во текот на целиот меч, отвори одлично поведувајќи со 6-3, а најимпресивно делуваше во вториот сет во кој не му остави на противникот да освои ниту еден гејм. Веднаш следеше брејк на стартот на третиот сет, имаше и убедливи 5-1 по кои следеше мало опуштање, за Ѓоковиќ сепак да го добие овој дел од мечот со конечни 6-4.

Следната задача дефинитивно ќе му биде потешка, ако се знае дека противник во осминафиналето ќе му биде 11. носител Де Минор од Австралија, кој денеска славеше со 3-0 на мечот со Холмгрен од Данска.

За одбележување е новиот одличен настап на Марин Чилиќ, хрватскиот ветеран триумфираше со 3-1 над Шпанецот Мунар и дојде до своето прво осминафинале на Вимблдон по пауза од осум години.

Најнеизвесно беше на дуелот меѓу Сонего и Накашима, на кој по огромна борба славеше италијанскиот тенисер Сонего, со тајбрејк во петтиот сет што го доби со 10-3.

Се вчитува...