Ѓоковиќ ќе игра само на три турнири до крајот на годината

Новак Ѓоковиќ неодамна објави дека нема да настапи на Мастерс-турнирот во Шангај, а српскиот тенисер во меѓувреме известил и дека нема да биде дел од помалите турнири кои му нудеа учество во изминатиот период. Зад големиот ас е напорен период на исцрпувачки турнири, па Ѓоковиќ сака да се одмори и да ги наполни батериите за последните предизвици во оваа календарска година.

Новак би требало да настапи на само три турнири до крајот на годината, од кои прв ќе биде Мастер-турнирот во Париз, каде лани стигна до финалето. Потоа ќе следи и завршниот Мастерс-турнир во Торино, каде Ѓоковиќ лани го освои трофејот и брани најмногу бодови. Овој турнир ќе се игра од 12 до 19 ноември.

За крај, Ѓоковиќ би требало да ја предводи Србија во завршницата од Дејвис купот во Малага, завршниот турнир ќе се одржи од 21 до 26 ноември, а Србите во четвртфиналето ќе се сретнат со Велика Британија.

Новак Ѓоковиќ годинава стигна до пет трофеи, од кои три на гранслем турнирите (Австралија Опен, Ролан Гарос и УС Опен). Покрај тоа, Србинот ги крена пехарите и на турнирите во Аделаида и во Синсинати.

Се вчитува...