Ѓоковиќ лесно го реши и Зверев

Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во полуфиналето од АТП-шампионатот во Лондон откако попладнево ја забележа својата втора победа, овојпат над третиот носител Александар Зверев, со максимални 2-0 во сетови.

Германскиот тенисер благодарение на беспрекорниот сервис успеа да парира нешто помалку од еден сет. Клучен момент беше деветтиот гејм, кога при 4-4 Зверев не искористи две брејк топки за да стигне до предност. Веќе во следниот гејм Ѓоковиќ стигна до брејк и сет, и тоа по двојната сервис грешка на противникот, по што Србинот уште повеќе доби на самодоверба.

Сервисот повеќе не го служеше Зверев како во првиот сет, а Новак знаеше како да го искористи тоа и стигна до убедливи 6-1.

Во вториот меч од оваа група вечерва ќе се сретнат Марин Чилиќ и Џон Иснер.

Се вчитува...