„Ѓоковиќ многу брзо ќе стигне и до 23. гранд-слем титула“

Германецот Борис Бекер не се сомнева дека Новак Ѓоковиќ многу брзо ќе ја освои 23. гранд-слем титула.

Поранешниот тренер на српскиот тенисер истакна дека сонот на Ноле е да стане најдобар на сите времиња, но ја истакна и улогата на Роџер Федерер за популарноста на „белиот спорт“.

„Ѓоковиќ има 35 години и неговиот сон е да стане најдобар тенисер на сите времиња. И тоа го кажуваше како дете. Но, светот никогаш не видел некој како Федерер. Роџер одигра толку перфектно што не би поверувале дека тоа е можно. Поради него тенисот е глобален спорт. Сведоци сме на смена на генерации. Федерер го нема, Надал е на чекор до пензија. Ќе игра во Париз, а после тоа е под знак прашалник. Единственото прашање сега е кога Новак ќе го освои 23.  гранд-слем трофеј“, изјави Бекер. 

Ѓоковиќ во Мелбурн се израмни со Надал на врвот на вечната листа со 22 титули од најпрестижните турнири, а со победата против Стефанос Циципас се врати на првото место на светската АТП листа.

Се вчитува...