Ѓоковиќ: Му носев топчиња на Иванишевиќ, а сега тој е тука да ми помогне…

Новак Ѓоковиќ со гордост ја потврди информацијата дека неговиот стручен штаб за време на Вимблдон ќе биде посилен за уште едно врвно име – Горан Иванишевиќ. Хрватскиот тениски пензионер ја прифати поканата за соработка со првиот светски рекет, а Ѓоковиќ открива дека своевремено му носел ужина и трчал по топчињата на Иванишевиќ за време на тренинзите на големиот ас.

„Многу сум му благодарен на Горан што прифати да соработуваме на овогодинешното издание на Вимблдон. Израснав гледајќи го како игра на најголемите турнири, гласно навивав за него на секој меч, а сега го имам крај себе да ми помогне. Верувам дека многу луѓе се возбудени поради нашата соработка, а особено еден човек – Ники Пилиќ. Драг Ники, фала ти што ми даде шанса да му носам ужина на Иванишевиќ и да му ги собирам топките додека се подготвуваше за својот славен трофеј на Вимблдон во 2001 година. Тоа беше остварување на сонот за еден млад тенисер кој сонуваше еден ден да стане како Горан. Сега со заеднички сили тргнуваме во поход на Лондон“ – порача Ѓоковиќ.

Србинот денеска го игра својот меч од првото коло на Вимблдон, а ривал ќе му биде Филип Колшрајбер од Германија.

Се вчитува...