Ѓоковиќ: Ова е лудо, ова беше ролеркостер…, Карлос е голем човек и шампион, вакви мечеви ме одржуваат во тениски живот!

Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз одиграа неверојатен меч во финалето на Синсинати кој без сомнение може да го добие епитетот – меч на годината. На крај Ѓоковиќ славеше во три сета, 5-7, 7-6 (7), 7-6 (4), уште еднаш потврдувајќи ја својата големина.

И покрај сериозниот замор, Ѓоковиќ по мечот искажа задоволство од еден ваков спектакуларен меч не штедејќи зборови пофалба и за својот противник.

„Ова е лудо, не знам што друго да кажам. Ова беше еден од најтешките натпревари во мојот живот. Неверојатно, од почеток до крај. Поради вакви натпревари и вакви моменти, продолжувам да играм и работам секој ден. Овие мечеви се мојата мотивација. Мора да му оддадам признание на Карлос – ти си голем човек и шампион. Многу играчи никогаш не успеале да дојдат до тој момент во целата своја кариера, а ти го направи тоа во само две години. Никогаш не се откажуваш, го сакам тоа кај тебе, но би сакал некогаш да одиграме и полесен меч. Шпанците никогаш не умираат, тоа сум го слушнал од порано и тоа веќе го почувствував и порано и сега“ – истакна Ѓоковиќ, притоа дополнувајќи:

„Благодарност до мојот тим за кој, повторно ќе кажам, не знам понекогаш како ме поднесуваат. Ова навистина беше ролеркостер, изгледаше како финале на Грандслем, дури и повеќе. Лудо, лудо… Се надевам дека ќе играме во Њујорк за неколку недели. Тоа би било убаво за публиката, иако не знам дали би било добро за мене“.

Од следната недела стартува УС Опен каде Ѓоковиќ и Алкараз повторно се главните фаворити за освојување на турнирот.

Се вчитува...