Ѓоковиќ по кратка постапка до нов триумф

Новак Ѓоковиќ забележа нова победа на завршниот АТП турнир во Торино, трет триумф во групната фаза со кој српскиот ас ја потврди одличната форма пред клучните пресметки за големиот пехар. Новак денеска за ривал го имаше Камерон Нори, лесно совладувајќи го британскиот тенисер со 6-2, 6-1 во дуелот без никакво резултатско значење бидејќи Ѓоковиќ без оглед на исходот секако го имаше осигурано првото место, а Нори немаше шанса за пласман во полуфиналето.

Ѓоковиќ експресно го отвори мечот со брејк, поведе со 3-1, потоа направи уште еден брејк и рутински го доби сетот со 6-2. Србинот не дозволи да дојде до пад на концентрацијата, продолжи со доминацијата до самиот крај, дозволувајќи му на Нори само еден гејм во вториот сет.

Ривал на Новак Ѓоковиќ во полуфиналето ќе биде Александар Зверев, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Данил Медведев и Каспер Руд.

Се вчитува...