Ѓоковиќ по шести пат „ИТФ светски шампион“

Новак Ѓоковиќ е прогласен за најдобар тенисер во 2018 година во изборот на Меѓународната тениска федерација (ИТФ). Наградата „ИТФ светски шампион“, српскиот тенисер ја добива по шести пат во кариерата со што се изедначи со Пит Сампрас.

За Новак Ѓоковиќ годинашното признание има посебно значење бидејќи доаѓа во сезоната во која имаше извонредно враќање на врвот на АТП листата.

„Почестен сум што повторно сум прогласен за ИТФ светски шампион. Посебно сум горд на овој успех после се што поминав физички во оваа година, но дел од мене секогаш веруваше дека можам да се вратам на врвот. Многу сум среќен што му се придружив на Пит Сампрас, освојувајќи ја по шести шпат наградата“ – изјави Новак Ѓоковиќ.

Во текот на 2018 година, Србинот триумфираше на Вимблдон и на УС Опен со што стигна до 14 гранслем титули во кариерата. Со повеќе гранслем титули во светскиот тенис може да се пофалат само Роџер Федерер (20) и Рафаел Надал (17).

Се вчитува...