Ѓоковиќ: Политиката се вмеша и во спортот, тоа го видов во Австралија

Новак Ѓоковиќ во понеделникот го одигра својот прв натпревар по Австралија Опен, на кој не му беше дозволено да игра бидејќи не бил вакциниран против коронавирусот. Тој во Дубаи го совлада Лоренцо Мусети, а по мечот зборуваше за случувањата во Мелбурн.

Што и да се случи во Австралија е готово. И новинарите во Дубаи започнаа приказна за имиџот на Новак во светската јавност, а Ѓоковиќ рече дека не е тајна дека соработувал со ПР експерти од различни делови на светот. Вели дека се труди да ја реши целата ситуација како што треба.

„Имам големо искуство со медиумите, најмногу со спортските медиуми. Лесно ми е да разговарам со тебе, но околностите во Австралија ескалираа. Не се работеше само за спорт. Имаше и други сфери на животот, политиката се вклучи во овој случај. Секако, важно ми беше да бидам подготвен кога разговарам со медиумите за да ја разберам динамиката на тоа што го зборувам“, изјави Новак Ѓоковиќ.

Ноле истакна дека поголем дел од медиумите за него пишувале многу лоши работи, но верува дека по интервјуто на Би-Би-Си работите почнуваат да се менуваат. Ѓоковиќ беше прашан и дали сочувствува со Данило Медведев, кој по финалето на Австралија опен изјави дека престанал да сонува за детскиот тениски сон бидејќи бил згрозен од реакциите на публиката во финалето против Рафа Надал.

„Разговаравме и се допишувавме по финалето. Бев тажен затоа што тој се чувствуваше така бидејќи детето во тебе е причина да почнеш да играш тенис. Повеќето играчи го земаат рекетот кога биле мали, тогаш им почнала љубовта кон спортот и имаат страст за тенисот. Тие сонуваат за најголемите работи што овој спорт може да ги понуди. Тешко е да се проголта поразот по водството од 2-0 и разбирам какво е чувството. Имав многу натпревари на кои публиката беше против мене, тоа е дел од спортот. Не можете да очекувате дека присутните на трибините секогаш ќе бидат со вас. Му посакувам се најдобро, наскоро ќе биде прв на светот. Жал ми е што така коментираше, но го разбирам“, додаде Ѓоковиќ.

Се вчитува...