Ѓоковиќ: Поради вакви мечеви и натаму играм тенис

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека натпреварот што го однесе до полуфиналето на Вимблдон бил еден од најдобрите што ги одиграл на Централниот терен и нагласи дека токму за вакви моменти продолжува да игра тенис.

Ѓоковиќ синоќа го победи Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим со 3:2 и се пласираше во полуфиналето на Вимблдон. Мечот траеше пет часа и 14 минути.

„На крајот, навистина можеше да се случи и во двата правци. Резултатот беше изедначен практично цело време, што најдобро покажува каков натпревар беше ова. А супер тај-брејкот во петтиот сет беше целосно отворен. Токму ваквите моменти ме тераат да играм тенис“, рече Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер призна дека последиците од исцрпувачката борба ќе ги почувствува дури следниот ден.

„Сакам ова да беше финале, за да не морам да размислувам како ќе се чувствува моето тело утре. Но, среќен сум што победив. Ваква победа има посебна тежина, особено во оваа фаза од мојата кариера и пред моето семејство. Им реков на децата да си легнат по четвртиот сет, но тие не ме послушаа. Среќен сум што останаа, бидејќи искрено ова е еден од најдобрите натпревари во кои сум бил дел на овој терен во мојата кариера“, рече Ѓоковиќ.

Се вчитува...