Новак Ѓоковиќ има причина да биде горд на себе на крајот од оваа 2023 година, откако Србинот го совлада Јаник Синер и се закити со титулата на АТП-шампионатот, седми ваков трофеј во неговата кариера со што повторно го остави зад себе Роџер Федерер.
Српскиот ас во оваа 2023 играше четири гранслем финалиња, триумфираше на три од нив, имаше и неколку трофеи на Мастерс-турнирите, за со денешниот триумф во Торино само да потврди дека и на 36-годишна возраст се уште е најдобар тенисер во светот.
„Ова е навистина посебен момент. Без сомнеж, ова ми е една од најдобрите сезони во животот, круна беше оваа победа над локалниот херој Јаник Синер, кој играше одлично цел турнир. Многу сум горд како одиграв последните два дена пртоив Синер и Алкараз, двајцата најдобри тенисери во светот во моментов покрај мене и Медведев“, изјави Ѓоковиќ.
Тој обелодени и дека променил одредени работи во својата игра во однос на дуелот од пред неколку дена, кога во групната фаза беше поразен од Синер.
„Пристапот ми беше поинаков, тактиката исто така. Важно беше што сервирав одлично од самиот почеток, имав острина во размислувањето, во реализацијта на ударите. Во финишот работите се искомпликуваа, но останав смирен. Не е лесно да се игра пред публика која е толку гласна и ти прави проблеми меѓу сервисите, но тоа ја прави оваа титула уште послатка“, задоволно истакна Новак Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА