Ѓоковиќ: Прв ќе му честитам на Медведев доколку избие на првото место на АТП-листата

Новак Ѓоковиќ продолжи да испишува историја и ја започна 361-та седмица на чело на АТП ранкингот. Првиот светски рекет, истакна дека прв ќе му честита на Русинот Данил Медведев, кој оваа недела може да го симне од врвот на АТП листата.

Медведев оваа недела учествува на турнир во Мексико Сити (Мексико), а Србинот во Дубаи (Обединети Арапски Емирати). Пласманот во рангирањето ќе зависи од нивните резултати на овие турнири.

„Тоа ќе се случи еден ден. Медведев ќе стане првиот рекет на светот. Ако ова се случи оваа недела, јас ќе бидам првиот што ќе му честитам“, рече Ѓоковиќ на прес-конференција.

Да напоменеме дека за Ѓоковиќ турнирот во Дубаи ќе биде прв по скандалот со визата во Австралија. Инаку, на АТП листата трет и понатаму е Александар Зверев со 7.515 поени, четврти е Стефанос Циципас со 6.565, а петти е Рафаел Надал со 6.515 поени. Меѓу најдобрите десетмина немаше промени и тука останаа Беретини, Рубљов, Руд, Оже-Алијасим и Синер.

 

 

Се вчитува...