Ѓоковиќ: Сакав да се докажам како дете од мала земја во глобалниот спорт – Се радувам што успеав!

Новак Ѓоковиќ го совлада Матео Беретини со 3-1 во сетови во последниот меч на Вимблдон, и со тоа триумфираше на гранд-сламот во Лондон третпат по ред. Со триумфот во неделата стигна до 20-тата титула на еден од четирите најголеми тениски турнири, што го изедначи бројот на гранд-слам титули со Роџер Федерер и Рафаел Надал.

Србинот даде одговор на едно интересно прашање: Кога би се вратило времето, кои совети Ѓоковиќ би му ги кажал на малиот четиригодишен Новак?

„Ќе му кажам дека треба да верува во своите соништа, тие ќе се остварат. Вимблдон отсекогаш бил турнир од соништа. На четири години, првпат се сретнав со тенисот. Мислам дека првпат го гледав финалето на Вимблдон во 1992 година, Сампрас играше тука и тој стана моја инспирација како играч, но исто така и на овој турнир. Моите соништа се остварија во 2011 година – да бидам број 1 во светот и да го освојам Вимблдон за првпат, да ја вкусам тревата, да се вратам во Србија и да прославам со мојот народ. Тоа беше незаборавно искуство што се доживува еднаш во животот“, рече Ѓоковиќ.

Ноле најави дека во овој победнички ритам ќе продолжи и во иднина, бидејќи секогаш е гладен за нови титули и успеси.

„Јас сум секогаш гладен за трофеи. Најважната причина зошто сè уште професионално играм тенис е што имам нови цели и сакам да отпечатам нови страници во историјата на овој спорт. Сакам тенис, играм и со мојот син, пријатели, браќа. Но, за да бидете на највисоко ниво треба да имате највисоки цели – Освојвуање на гранд сламови, како и учество со репрезентацијата на Дејвис купот. Тоа е она што ме тера, што предизвикува најубава емоција во мене како спортист. За мене, не е товар да ја претставувам Србија во светот како спортист, напротив. Сакав да се докажам во глобалниот спорт, кој е претежно спорт на западниот свет. Сакав да дојдам и да ги нарушам плановите на некои западни земји во тенисот. Мислам дека успеав во тоа. Чест ми е што сум во позиција да го носам грбот и знамето каде и да играм”, заклучи Ѓоковиќ.

Се вчитува...