Ѓоковиќ се налути, па направи 10-0 и го реши Фуксович

Новак Ѓоковиќ потешко од очекувањата стигна до второто коло од УС Опен, откако српскиот тенисер славеше со 3-1 во сетови над Марлон Фуксович. Унгарецот му создаде огромни проблеми на српскиот тенисер, откако при резултат 1-1, направи и брејк на почетокот од третиот сет и најави големо изненадување во Њујорк. Сепак, Ѓоковиќ се разбуди кога беше најважно, при негатива од 2-4, а кога големиот ас влезе во ритам, за противникот веќе немаше спас. Србинот го одигра импресивно остатокот од мечот, следните десет гејма добивајќи ги со максимални 10-0, за конечни 6-3, 3-6, 6-4, 6-0.

Марин Чилиќ експресно се пласираше во следната рунда откако Романецот Копил го преддаде мечот при водство на хрватскиот тенисер од 2-0 во сетови. Виктор Троицки загуби со 0-3 во сетови од Американецот Сандгрен (кој ќе биде следен ривал на Ѓоковиќ), а пласман во второто коло меѓу другите обезбедија и Карено Буста, Чунг, Кукушкин, Гаске.

На женскиот дел од турнирот најинтересно беше на мечот Остапенко – Петковиќ, што белоруската тенисерка го доби со 2-1 во сетови. Петковиќ се врати од 0-3 во вториот сет и успеа да израмни на 1-1, но во клучните моменти немаше одговор за расположената Остапенко, која заслужено се пласираше во второто коло. Петра Квитова експресно ја совлада Викмајер со 6-1, 6-4, Вознијацки беше подобра од Стосур, а победи од по 2-0 во сетови забележаа и Кербер, Бертенс и Гарсија.

Се вчитува...