Ѓоковиќ: Шаповалов нема што да загуби, морам да играм најдобро што знам ако сакам финале

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ очекува силен отпор од младиот Денис Шаповалов во полуфиналето на Вимблдон. Ѓоковиќ се наоѓа во одлична форма, но со голем респект за Шаповалов влегува во денешниот дуел.

Српскиот тенисер попладнево по 10-ти пат во кариерата ќе игра полуфинале на Вимблдон. Негов ривал ќе биде младиот канадски играч, кој за првпат стигна до оваа фаза од натпреварувањето на еден гранслем турнир.

„Искуството може да помогне во вакви натпревари. Денис и претходно се очекуваше да забележи подобри резултати. Тој делува импресивно на теренот, игра силно, тој е левучар, што е доста незгодно на брза подлога. Изгледа дека прави помалку грешки, не се двоуми да нападне. Очекувам против мене да нападне, нема што да загуби, ќе даде се од себе да биде агресивен. Сепак, знам дека морам да ја покажам најдобрата верзија од себе, знам што ме чека, имавме неколку добри дуели. Се надевам дека ќе бидам на мојот врв затоа што тоа е потребно за победа“, изјави Ѓоковиќ.

Се вчитува...