Ѓоковиќ шокиран во Индијан Велс

Новак Ѓоковиќ неочекувано рано го заврши својот настап на Мастерс-турнирот во Индијан Велс, откако во третото коло загуби со 0-2 во сетови од Филип Колшрајбер.

Српскиот тенисер одигра далеку под своето ниво, направи дури 32 неизнудени грешки, а искусниот Германец знаеше како да го искористи тоа за да стигне до победа од 6-4, 6-4. За Колшрајбер ова беше прва победа над светски рекет број 1 во кариерата, воедно и втор триумф во кариерата над Ѓоковиќ, прв по пауза од цели десет години.

За разлика од Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер немаше проблем да триумфира во својот дуел од третото коло. Тој за ривал го имаше сонародникот Стен Вавринка, кого го совлада за 59 минути со 6-3, 6-4 за пласман во следната рунда, каде Швајцарецот ќе се сретне со Кајл Едмунд.

Својот настап на Индијан Велс го продолжува и Рафаел Надал, кој лесно триумфираше над Аргентинецот Шварцман со 6-3, 6-1, па сега во четвртото коло ќе ги одмери силите со Србинот Крајиновиќ.

Се вчитува...