Новак Ѓоковиќ се пласираше во големото финале од Мастерс-турнирот во Рим откако денеска за десетина часа забележа две победи. Прворангираниот светски тенисер најпрвин го совлада Циципас со 2-1 во сетови, за вечерва да слави и во полуфиналната пресметка со Италијанецот Сонего со 2-1 во сетови. Србинот во големото финале утре ќе се сретне со големиот ривал Рафаел Надал.
Иако исцрпен по драматичниот дуел со Циципас, Ѓоковиќ најде сили за да го совлада и Сонего, кој е најпријатно изненадување на овој турнир. Првиот сет заврши со 6-3 за Србинот, а во вториот можеше да се проследи огромна битка. Ѓоковиќ најпрвин спаси две сет-топки на противникот, а потоа самиот направи брејк, поведе со 6-5 и имаше сервис. Сонего се спаси, стигна до 6-6, а потоа во тајбрејкот се врати од 1-4 и израмни на 1-1 во сетови (7-5 во тајбрејкот).
И повторно Новак собра сили во клучните моменти, доминирајќи во третиот сет, правејќи ран брејк и стигнувајќи до победа од 6-2.
Претходно, во првото денешно полуфинале Рафаел Надал славеше над Американецот Опелка со 6-4, 6-4.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА