Ѓоковиќ: Со ваква игра можам да се пласирам и во финалето на Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ не беше нерасположен по поразот во финалето на турнирот од Мастерс серијата во Рим против Рафаел Надал, па тој потенцираше дека со ваквата прикажана игра докажал дека се наоѓа во вистинската посакувана форма.

Првиот рекет во светот беше задоволен од финалниот меч кој се одигра во „Вечниот град“, иако на крајот не го подигна трофејот.

„Среќен сум што играв против Надал. Тоа е најголемиот предизвик во светот на тенисот и мило ми е што ги измеривме силите пред Ролан Гарос. Лесно можеше да се случи да ме елиминираат во четвртфиналето. Задоволен сум од мојот борбен дух, мојата игра. Мислам дека бев на високо ниво во финалето“, рече Новак.

Новак сега има една недела пауза, а потоа доаѓа на натпреварувањето во неговиот роден град, една недела пред Грандслем турнирот во Париз.

„Следниот турнир е во Белград. Се надевам дека ќе успеам да стигнам до титулата таму. Се наоѓам во одлично расположение за следните предизвици. Јас сум на вистинскиот пат. Ја најдов играта, само уште малку треба да ја подобрам за Ролан Гарос. Верувам дека ќе одам расположен во Париз“, заклучи Ѓоковиќ.

Се вчитува...