Ѓоковиќ во елемент: Кога ми ги броите годините, само уште повеќе ме мотивирате

Новак Ѓоковиќ има причина да биде горд по уште една извонредна партија во која српскиот тенисер го растури Карлос Алкараз и се пласираше во големото финале на завршниот АТП турнир во Торино.

Се очекуваше епска битка, но 36-годишниот Новак го збриша 16 години помладиот Шпанец, а токму прашањето околу години беше едно од првите што Србинот ги доби на прес-конференциајта по големата победа.

„Фала што ми потсетивте. Искрено, кога знам дека ми ги броите годините, тоа само уште повеќе ме мотивира, да играм на највисоко ниво. Секако дека не очекував вака убедливо да победам, но добро е за промена да одиграм еден меч во два сета, по маратоните за време на групната фаза. Цело време знаев дека можам да играм едно или две нивоа подобро отколку во групата, среќен сум што тоа го докажав токму против Алкараз, мојот најголем ривал годинава“, изјави Ѓоковиќ.

Вечерва на програмата е големото финале со Јаник Синер, од кого Ѓоковиќ загуби пред неколку дена во рамките од групната фаза.

„Ќе биде спектакл, Јаник е најдобриот играч на овој турнир досега, ги доби сите четири меча, има голема поддршка од публиката, мотивиран е да стигне до првиот трофеј на овој завршен турнир. Знам што можам да очекувам, сигурно ќе бидам далеку подобро подготвен за атмосферата по она што се случуваше на првиот меч. Ќе бидам максимално подготвен за се, овој меч со Карлос само ми дава поголема сила“, порача најдобриот тенисер на сите времиња.

Се вчитува...