Ѓоковиќ: Кирјос е добар за тенисот, но јас не го почитувам како човек

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ истакна дека се чувствува добро пред почетокот на Австралија опен, а откри и што мисли за Ник Кирјос. Контроверзниот тенисер досега во неколку наврати го спомнуваше Ноле со цел да го привлече вниманието на јавноста и да упати за него препознатливи провокации.

Првиот тениски рекет во светот досега молчеше, но во пресрет на првиот гранслем во оваа година за првпат одговори и што мисли за коментарите на Австралиецот, Кирјос, кој честопати јавно го критикуваше.

„Мислам дека тој е добар за овој спорт. Поинаков е. Ник се занимава со работи на теренот и надвор од него на автентичен начин. Секој има право да избере како сака да се изрази. Го почитувам за неговата игра. Тој е талентирано момче, покажа дека има квалитет да ги победи сите. Но, надвор од теренот, немам почит кон него. Не би коментирал понатаму“ изјави Ноле.

Србинот ќе започне да ја брани титулата в понеделник, а прв ривал ќе му биде Жереми Шарди. Србинот води со 13-0 во дуелот со францускиот тенисер.

„Имам добар резултат против Жереми, тоа ми помага како психолошка предност. Не играв долго против него. Тој е искусен играч, овде е многу години. Неговиот сервис е добар, а има одличен форхенд. Дополнително ми помага фактот што веќе одиграв четири натпревари на АТП-купот на арената Род Лејвер. Никогаш не се подготвував за Австралија опен на овој начин. Но, добро е што веќе одиграв неколку натпревари на теренот каде што ќе го започнам турнирот во понеделник. Ќе играме во вечерен термин, условите ќе бидат малку поинакви. Но, историски гледано, имав успех во Мелбурн. Се чувствувам добро, играв добро“, заклучи Новак.

Се вчитува...