Новак Ѓоковиќ се подготвува за претстојното издание на Ролан Гарос, а српскиот тенисер за првпат проговори и за разделбата од Енди Мареј, кој кратко се задржа во улогата на тренер на Новак.
Откако Ѓоковиќ испадна на четири од последните пет турнири, јасно беше дека нешто мора да се менува, а одлуката на крајот беше да дојде до разделба од тренерот.
„Нема некоја драма, нема што премногу да се додава во однос на она што го кажавме во соопштенијата. Секако се договоривме да не биде ништо долгорочно, да видиме како ќе се одвиваат работите… Одевме турнир по турнир, двајцата почувствувавме дека не може да се извлече ништо повеќе од оваа соработка и решивме да ја прекинеме. Можам да кажам дека сега уште повеќе го почитувам Енди бидејќи подобро го познавам како личност. Има брилијантен тениски ум, редок поглед на нашиот спорт, но не успеавме да го оствариме она што двајцата го посакувавме од резултатски аспект. Тоа е тоа, се обидовме, не успеавме…“, прокоментира Ѓоковиќ.
Тој најави и дека нема брзо да донесе одлука околу именување на нов тренер во својот тим.
„Немам ни почнато потрага по тренер, ниту пак брзам. Се чувствувам комфорно со луѓето околу мене. Го имам Душан Вемиќ крај себе, кој дојде од САД и ќе биде овде и во Женева и на Ролан Гарос, а тука е и Борис Бошњаковиќ како аналитичар и тренер-асистент. Тоа е сигурно за овие два турнира, а за потоа ќе видиме“, обелодени српскиот тениски великан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА