Голден стејт го знае „лекот“ за „ракетите“ од Хјустон

Хјустон рокетс предводен од Џејмс Харден игра одлична кошарка сезонава, но „ракетите“ во последно време немаат одговор за Голден стејт вориорс. Шампионот на Западната конференција од последните две години синоќа по вторпат ги приземји „ракетите“ во последните пет дена, овојпат на домашен терен со резултат 107-98. Како пресудна се покажа последната четвртина во кој Голден стејт го задржа Хјустон на само 13 постигнати поени, со што избраниците на Стив Кер го свртеа резултатот во своја полза и стигнаа до десеттата победа во низа, со која си ја задржаа удобната предност во однос на ривалите од „западот“.

Кари со 24 и Томпсон со 20 поени беа најефикасни кај Голден стејт, но многу важна беше одбраната врз Џејмс Харден, кој постигна 17 поени со очаен шут од поле (4/18).

Сан Антонио славеше на гостувањето против Оклахома сити со 95-100. Расел Вестбрук стигна до својот 39. трипл дабл сезонава (32 поени, 15 скока и 12 асистенции), но и тоа беше недоволно за да се совладаат спарси, во чии редови повторно во главна улога беше Леонард со 27 поени, кој имаше одлична помош и од Гасол (17 поени).

Бостон останува на чело на Источната конференција откако селтикси нешто потешко од очекувањата сепак успеаја да триумфираат над Орландо со минимални 117-116. Ајзеа Томас со 35 поени беше најаслужен за оваа победа. Ал Хорфорд од слободни фрлања ги постави конечните 117-116 на повеќе од една минута до крајот, резултат при кој Орландо не реализираше три шута со кои можеше да го добие овој натпревар.

Бостон останува „половина победа“ пред Кливленд, откако актуелниот првак синоќа триумфираше над Филаделфија со 122-105. Леброн Џејмс постигна 34, а Кајри Ирвинг 24 поени за шампионот, кој до последниот меч ќе води битка со Бостон за првото место на „истокот“ во пресрет на плејофот.

Резултати НБА:

Кливленд – Филаделфија 122-105, Бостон – Орландо 117-116, Торонто – Индијана 111-1000, Шарлот – Денвер 122-114, Мемфис – Далас 99-90, Њу Орлеанс – Сакраменто 117-89, Милвоки – Детроит 108-105 (по прод.), Мајами – Њујорк 94-98, Оклахома сити – Сан Антонио 95-100, Јута – Вашингтон 95-88, Голден стејт – Хјустон 107-98, Њу Орлеанс – Сакраменто 117-89.

Се вчитува...