Голден Стејт и Њујорк не се предаваат без борба

Голден Стејт останува во игра во одбраната на титулата во НБА-лигата откако актуелниот шампион славеше на дуелот со ЛА Лејкерс со 121-106, намалувајќи на 2-3 во полуфиналето на Западната конференција. „Воините“ се соочија со огромен притисок бидејќи пораз ќе значеше и нивна елиминација од плејофот, но Кари и соиграчите одиграа на високо ниво и во фантастична атмосфера успеаја да го запрат налетот на лејкерси.

Мора да се истакне и дека ЛА Лејкерс во второто полувреме остана без еден од клучните кошаркари, Ентони Дејвис доби незгоден удар во главата од Луни, по што лекарите стравувајќи од потрес на мозокот во количка го изнесоа кон соблекувалните.

Стеф Кари беше прв стрелец на Голден Стејт со 27 поени, Вигинс стигна до 25 поени, додека Дрејмонд Грин оствари дабл-дабл од 20 поени и 10 скока. Кај ЛА Лејкерс, Леброн Џејмс имаше 25 поени, додека Дејвис до моментот на повредата имаше постигнато 23 поени и 9 скокови.

По рецептот на Голден Стејт, и тимот на Њујорк славеше на домашен терен над Мајами со 112-103, намалувајќи на 2-3 во полуфиналето од Источната конференција.

Џејлен Брансон одигра извонреден натпревар, ги мина на теренот сите 48 минути, реалзиирајќи 38 поени, девет скока и седум асистенции. Берет постигна 26, а Рендл уште 24 поени за Њујорк, а мора да се истакне и добрата одбрана врз Џими Батлер кој беше сопрен на скромни за него 19 поени.

Се вчитува...