Колина: Никој не смее да се сомнева во интегритетот на судиите на СП

Претседателот на Судиската комисија на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Пјерлуиџи Колина, изјави дека никој не може да се сомнева во интегритетот на судиите на овогодишното Светско првенство, кое се одржува во САД, Канада и Мексико.

Колина истакна дека е задоволен од судењето во досегашниот тек на првенството.

„Одигравме 50 отсто повеќе натпревари отколку на Светското првенство во Катар 2022 година, а пред нас се уште осум големи натпревари. Со толку голем број натпревари во релативно краток временски период, нормално е дека не оди сè според планот“, рече Колина, а потоа продолжи:

„Конструктивната дискусија е дел од фудбалот, но неоснованите обвинувања немаат место во нашиот спорт. Никој не може да се сомнева во интегритетот на судиите на Светското првенство. Кога се случува такво нешто, тоа предизвикува реакции кои водат до закани кон нив и нивните семејства, што е неприфатливо.“

Тој нагласи дека никој од раководството на ФИФА не може да влијае врз одлуките на судиите.

„Никој не може да влијае врз судиската организација на ФИФА, па дури ни претседателот Џани Инфантино. Тој му дава целосна поддршка на судискиот тим и верува во нашата апсолутна независност. Судиите носат правични одлуки и секогаш го даваат својот максимум, исто како и играчите и тренерите“, рече Колина.

Се вчитува...