Голден Стејт конечно победи, Леброн и Лејкерс станаа незапирливи (ВИДЕО)

НБА шампионот Голден Стејт конечно по четири последовни порази забележа триумф и тоа убедлив, во дербито,  над Портланд со 125-97. Кевин Дурант со 32 поени и Клеј Томпсон со поен помалку го предводеа Голден Стејт до 13 сезонска победа, првакот е на четвртото место во Западната конференција.

Леброн Џејмс со 22 поени и 10 скока повторно  беше лидер во новиот успех на Лос Анџелес Лејкерс. Со победата од 90-83, „Лејкерс“ врзаа серија од три последовни победи, четири на последни пет натпревари  и се зацврстија на седмата позиција во Западната конференција.

За изненадувањето на вечерта се погрижи вицепрвакот Кливленд кој ја победи Филаделфија со 121-112 и и го нанесе првиот пораз по десет последовни победи на домашен терен. За Кливленд ова беше само трет успех сезонава, вицешампионот заедно со Атланта и со Феникс се трите најслаби тимови во лигата.

Последнопласираниот тим на Запад, Феникс направи подвиг триумфирајќи над второпласираниот состав во Источната конференција, Милвоки со 116-114.

Победи забележаа двете водечки екипи во лигата, Торонто и Охлахома. Канадскиот тим славеше над Вашингтон со 125-107 и дојде до биланс од 16/4 за сигурно прво место на Исток додека Оклахома триумфираше во пресметката со Шарлот со тесни 109-104 за вкупен ефект од 12/6. Идентичен биланс имаат и Лос Анџелес Клиперс кои им се вратија на победите славејќи по продолжение над Мемфис со 112-107.

Дополнителни минути имаше и на дуелот меѓу Хјустон и Детроит во кој славеа „Пистонс“ со 116-111.

Се вчитува...