Кризата на Голден стејт се продлабочи откако поранешниот НБА-шампион го претрпе и петтиот пораз во низа, овојпат на домашен терен од Оклахома Сити со убедливи 109-128. „Воините“ повторно беа без Стеф Кари, недотистигаше и Дрејмонд Грин, кој почна со одлежување на суспензијата од пет натпревари, а така ослабени избраниците на Стив Кер не успеаја да го запрат атомскиот напад на противничкиот состав.
Гилџус Александер беше најефикасен во победничкиот тим со 24 поени, но најдобар поединец на натпреварот беше Ајзеа Џо, кој реализираше 23 поени, погаѓајќи седум тројки без ниту едно промашување. Ова беше петти триумф во последните шест меча за Оклахома Сити, а особено значајно е што оваа екипа конечно ја прекина црната серија од десет порази во меѓусебните пресметки со Голден Стејт.
Вицешампионот Мајами ги надмина проблемите со слабиот старт (1-4), па тимот од Флорида сега гази се пред себе, совладувајќи го Бруклин со 122-115 за своја седма победа во низа во НБА-лгата.
Џими Батлер одигра извонреден меч постигнувајќи 36 поени, 18 од нив во третата четвртина. Данкан Робинсон придонесе со 26 поени за триумфот на Мајами, додека Адебајо стигна до 20 поени. Бриџис и Вокер со по 23 поени беа најефикасни кај Бруклин, чија серија од пет победи беше прекината со овој пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА