Голем дел од македонските фанови не купиле билети за Палермо, и покрај добиените кодови од ФФМ

Ако се суди според прегледот кој го нуди италијанската мрежа за продажба на билети „Вива Тикет“ дури 700 билети од македонскиот сектор на „Ренцо Барбера“ во Палермо останале некупени за бараж-натпреварот меѓу Италија и Македонија кој се игра на 24. март од 20:45 часот.

Само околу 600 македонски навивачи пред крајниот термин за купување билети (17. март до полноќ) успеале да обезбедат билети по добиените кодови од Фудбалската федерација на Македонија, а 700 навивачи, и покрај тоа што ФФМ ги достави неопходните кодови, не успеале да обезбедат билет во соодветниот термин.

Дел од македонските фанови кои се обраќаат до нашата редакција за помош истакнуваат и дека платформата била крајно нејасна за купување билети, поради што било безмалку невозможнно на време да се реагира.

„Имаме резервирано авионски билети и хотелско сместување, но сега сме без билети за натпреварот. Не знаеме како понатака да реагираме за да дојдеме до билетите, и покрај тоа што ги имаме неопходните кодови“ – коментираат дел од македонските навивачи.

Инаку, ФФМ доби 2604 барања за билети од кои, согласно УЕФА регулативите и добиените навивачки места од Италијанската фудбалска федерација, можеше да излезе во пресрет само на половина од нив за кои обезбеди неопходни кодови за билети.

Од ФФМ, во договор со навивачките групи од земјава, и организирано ќе носат 150 навивачи во Палермо кои ќе се приклучат на оние кои патуваат самоиницијативно преку купени билети од италијанската платформа за продажба на билети.

Се вчитува...