Голем гест – Џиџи Буфон откупи авион за Јувентус да стигне на погребот на Астори

Џанлуиџи Буфон е познат како врвен голман, еден од најдобрите на сите времиња, но и голем човек. Всушност, неговата човечка големина никогаш не била доведена до прашање, а уште еднаш Џиџи ја докажа по мечот против Тотенхем во Лигата на шампиони.

Непосредно по натпреварот на „Вембли“ во Лондон, поточно откако фудбалерите се вратиле во соблекувалните, Буфон им соопштил на своите соиграчи и тренерите дека ангажирал приватен авион кој ќе ги одведе директно до Фиренца за да стигнат на време за погребот на нивниот починат пријател, Давиде Астори.

За превозот платил сам, а им посочил дека секој кој сака да оди со него треба да биде подготвен и да го чека во лобито од хотелот во точно 04:30 часот изутрина. Потоа додал дека ќе го разбере секој кој нема да може да дојде, бидејќи одиграа исцрпувачки натпревар против Тотенхем по кој обезбедија пласман меѓу најдобрите осум екипи во Европа.

Сепак, во одреденото време, речиси сите го чекале Џиџи на договореното место, подготвени да патуваат со него за да му оддадат последна почит на италијанскиот дефанзивец. Но, проблем биле местата во авионот, кој бил мал и дозволувал само 12 слободни места, од кои три биле за екипажот. Па според договор со Буфон тргнале деветмина: Алегри, Ландучи, Кјелини, Ругани, Пјаниќ, Бенатиа, Барѕалји и Маркизио.

Утрото стигнале навреме за погребот, а Буфон направи уште еден гест по кој се познава неговата големина. На играчите им било препорачано да влезат од споредна врата во црквата, но Буфон одбил да го направи тоа, сакал да се појави пред јавноста,  за да докаже на навивачите на Фиорентина и на градот Фиренца, дека цел Јувентус е со нив и ја има нивната поддршка во овие тешки моменти.

 

Се вчитува...