Голем скок на женската кошаркарска репрезентација по победата во Сараево

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија забележа голем скок од 13 позиции на најновата ранг-листа што ја објави ФИБА, по триумфот што нашиот национален состав го забележа на гостувањето против БиХ во последниот квалификациски прозорец.

Големата победа на гостувањето во Сараево, во февруарскиот ФИБА „прозорец“, против една од високо рангираните селекции како што несомнено е онаа на БиХ, ги донесе нашите најдобри кошаркарки на 33. место во европскиот, односно на 67. позиција во вкупниот светски женски кошаркарски поредок.

Во последното, мартовско рангирање на Светската кошаркарска организација, Македонија има вкупни 94.4 бодови, што е втор највисок напредок во изминатиот период која го направила една национална селекција во женски рамки. Најголем напредок бележи репрезентацијата на Австрија која се искачи за 24 позиции, и во овој момент е на 87 место во светскиот рејтинг.

Лидер во женската кошарка останува селекцијата на САД, пред Кина, Австралија, а во ТОП 5 ранкингот се уште и Шпанија и Канада.

Се вчитува...