Голем удар за МЗТ Скопје: Приморска доби лиценца во Словенија

Шансите на МЗТ Скопје за влез во елитното друштво на АБА-лигата уште повеќе се намалија откако Приморска денеска доби лиценца за натпреварување во првата лига на Словенија. Тимот од Копер се соочува со огромни финансиски проблеми, поради долговите од ланската сезона не го мина првиот процес на лиценцирање, по што му се закануваше преселба во најнизок ранг на натпреврување.

Сепак, жалбата на Приморска денеска беше прифатена од страна на Кошаркарската Федерација на Словенија, која обелодени дека „клуб од Копер ги исполнува задолжителните финансиски критериуми, поради што добива лиценца да се натпреварува во Првата лига во сезоната 2020/21“. Приморска ќе го одигра и првиот меч од новата сезона во Словенија, дуелот од Супер-купот на оваа земја против Цедевита Олимпија, закажан за 17 септември.

Преселбата на Приморска во понизок ранг на натпреварување во Словенија беше картата на која играше МЗТ Скопје во обид да го заземе местото на овој тим во АБА1. Управата на словенечкиот клуб цело време тврдеше дека ќе биде најдено решение за проблемите и тимот ќе го задржи местото во елитното друштво, како во Словенија, така и во регионот. По денешната прифатена жалба на домашната сцена, речиси сигурно е дека Приморска ќе остане и дел од АБА1, што ќе значи дека МЗТ Скопје трета сезона по ред ќе биде дел од АБА2 натпреварувањето.

Се вчитува...