Голема победа за Манчестер Сити – Ништо од суспензијата, „Граѓаните“ ќе бидат дел од ЛШ и следната сезона

Англискиот премиерлигаш Манчестер Сити ја доби жалбата во Судот за спортска арбитража во Лозана, откако УЕФА пресуди да го суспендира англискиот тим во Лигата на шампионите во следните две сезони и парична казна од 30 милиони евра поради кршење на правилата за финансискиот фер-плеј во периодот од 2012 до 2016 година.

Ова е одлична вест за навивачите на „граѓаните“ бидејќи доколку суспензијата беше потврдена, Сити ќе имаа големи проблеми бидејќи ќе беше многу тешко да ги задржат своите најдобри фудбалери. Веќе почнаа шпекулации дека од тимот може да заминат Кевин де Бруин и Рахим Стерлинг, но одлуката во Лозана прави пресврт на настаните, што значи дека тимот од Манчестер и следната сезона ќе биде еден од фаворитите за освојување на сите трофеи.

Оваа одлука донесе проблеми кај ривалите на Сити, Челси, Лестер и Манчестер Јунајтед, кои сега ќе мора да завршат во топ 4 доколку сакаат да бидат дел од елитното натпреварување следната сезона.

 

Се вчитува...