Голема трагедија во Бугарија: Фудбалер постигна два гола па почина во соблекувална по мечот

Голема трагедија го потресе вчера бугарскиот фудбал. Поранешниот напаѓач на Локомотив Пловдив, Христо Спасов, почина ненадејно на 38-годишна возраст, само неколку минути по завршувањето на натпревар од регионалната бугарски лига.

Спасов играше за Чико од Бјага во натпреварот од регионалната лига против Лесичов, кој неговиот тим го загуби со 4-2.

Токму Спасов ги постигна двата гола за својот тим, а само неколку минути подоцна, по завршувањето на мечот, му се слошило во соблекувалната, каде што се онесвестил. Лекарот кој бил присутен на натпреварот веднаш реагирал, а набрзо пристигнала и екипата за итни случаи од Пештера. За жал, за Спасов немало спас.

Според првите информации, лекарите како причина за смртта наведоа масивен срцев удар.

За време на својата кариера, Спасов играше за голем број бугарски клубови, вклучувајќи ги Локомотив Пловдив, Велинград, Локомотива Септември, Ботев Враца, Хебар Пазарџик, Спартак Плевен и Септември Софија.

Се вчитува...