Македонија има предност на полувремето против Англија. Колку и да звучи неверојатно, но нашата селкција има предност со голот на Барди во 41. минута. Утна пенал, но топката дојде до него и ја смести во голот на Англичаните. Иако Англија доминираше во првите 30 минути, имаше и статива, сепак, Македонија успеа да се одбрани, а потоа и да се стекне до предност. Во финишот уште две шанси за Англија, и на крајот и мешаница и нервози, но набрзо се се заврши и Македонија влегува со предност во вториот дел.
Уште во 2. минута се заканија Англичаните преку Луис, но во последен миг блокираше Муслиу. Во 14. минута Рајс шутира од 20 метри ја погоди стативата од голот на Димитриевски. Веднаш потоа центаршут на Луис, Воткинс на петерецот е осамен, но премногу ноншалантно се обиде со глава, и шансата пропадна.
Во 24. минута спорен момент. Елмас излегува во супер шанса, Мегваер стартува врз него, но нема пенал. И по консултација со ВАР, судијата Глова остана одлуката непроменета.
Мирен натпревар до 38. минута, а потоа возбудувања. Еден навидум безопасен старт на Луис над Миовски, најпрво не беше санкциониран од судијата Глова. Но по следниот прекин словачкиот арбитар доби повик од ВАР, по што досуди пенал.
Барди го изведе пеналот, Пикфорд одбрани за потоа топката одново да дојде до него и да ја смести во мрежата, на голема радост на 26.000 гледачи на „Арената“.
Следуваше шанса за Англија преку Луис, кој сакаше да се извади за направениот пенал, но неговиот удар го одбрани Димитриевски. Димитриевски беше одличен и по ударот на Александар-Арнолд, за предност на Македонија на полувремето.
Во финишот од средбата и мешаница во шеснаесетникот на Македонија каде по еден дуел, остана на тревата да лежи Мегваер. Се вмешаа и останатите фудбалери, но набрзо мешаницата стивна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА