„Големиот“ Штербик го запре Монпелје, Вардар е најблиску до дуел со Пик Сегед

Веспрем по голема битка славеше над Монпелје со 24-23, со што актуелниот европски вицепрвак се наоѓа на чекор до осигурување на второто место во групата Б. Арпад Штербик беше херојот на унгарскиот гиганг, влегувајќи во текот на првиот дел и до крајот нанижувајќи 15 интервенции, голем дел од нив во последните петнаесетина минути во кои нападот на Веспрем воопшто не функционираше. Монпелје на повеќе од минута до крајот намали на 24-23, но домаќините умешно ја задржаа топката до самиот крај, на крајот радувајќи се на големиот триумф. Веспрем има два бода повеќе од Киелце во трката за второто место, а во последното коло е среќава со „фенерџијата“ Мотор.

Вардар по поразот од Порто падна на шестото место во групата, со еден бод заостанување зад португалскиот првак. „Црвено-црните“ во последното коло мораат да го совладаат Монпелје, но и да се надеваат дека Порто ќе загуби на гостувањето против Брест Мешков, за да стигнат до петтото место што би им донело нешто полесен ривал.

Ако останат шести, „црвено-црните“ ќе ги очекува двомеч со Пик Сегед. Унгарскиот вицепрвак во оваа рунда загуби во Фленсбург, со што ја загуби и втората позиција на табелата од ПСЖ. Со оглед на фактот дека Унгарците во последното колоо гостуваат во Барселона, а ПСЖ е домаќин на Загреб (ПСЖ е подобар од Пик Сегед во меѓусебните дуели), само теоретски се шансите за рокада на табелата во групата А.

Доколку се случи Вардар да стигне до петтото место, тогаш за ривал ќе го има четвртиот тим од групата А, каде во моментов со идентичен број бодови се Алборг и Фленсбург. Данците имаат подобар меѓусебен скор и во последното коло ќе го пречекаат „фенерџијата“ Елверум, додека Фленсбург ќе биде домаќин на Загреб.

ГРУПА А: Фленсбург – Пик Сегед 34-26, ПСЖ – Елверум 31-25, Целје – Барселона 25-37, Загреб – Алборг 31-30.

Табела: Барселона 24, ПСЖ 20, Пик Сегед 20, Алборг 13, Фленсбург 13, Целје 6, Загреб 5, Елверум 3.

ГРУПА Б: Мешков Брест – Кил 33-30, Порто – Вардар 30-22, Мотор – Киелце 26-33, Веспрем – Монпелје 24-23.

Табела: Кил 20, Веспрем 18, Киелце 16, Монпелје 15, Порто 12, Вардар 11, Мешков Брест 8, Мотор 4.

Се вчитува...