Големо засилување за Џио Струмица: Се врати Владо Милев

Македонскиот одбојкарски репрезентативец Владо Милев потпиша договор со матичниот клуб Џио Струмица. По тринаесетгодишна интернационална кариера повторно се враќа во домашниот шампионат, сериозно засилувајќи го најуспешниот тим во последната деценија кај нас.

Милев ќе ја извршува и функцијата спортски директор во клубот, обидувајќи се да го пренесе своето искуство во исполнувањето на стратешките интереси на Џио.

Откако ја напушти Џио Струмица во 2007 година, Милев ја градеше клупската кариера во 11 клубови во девет земји. Во репрезентативниот сегмент, одбојкарот кој игра на позиција примач, беше дел од сите успеси на македонскиот национален состав во последните години. Минатата година Милев имаше одлични бројки во нашето дебитантското учество на европските првенства, во групата во Љубљана, а претходно на неговите гради завршија три сребрени медали од Европската лига во периодот од 2015 до 2017 година.

„Со гордост го објавуваме потпишувањето на договорот со најдобриот примач во Македонија! Владо Милев стави потпис на едногодишниот договор со можност истиот да биде продложен. После неколку сезони во странство повторно се враќа во актуелниот македонски одбојкарски шампион и е најголемиот трансфер во низата што ќе следуваат со што ќе го креираме силниот тим за престојната натпреварувачка сезона во македонското одбојкарско првенство и во европските натпреварувања“ – информираат од Џио Струмица.

Според најавите од Џио Струмица, по ангажманот на 33-годишниот Милев, клубот ќе направи напор да потпише со уште неколкумина репрезентативци, а од претстојната сезона најавува посериозни вложувања во младинските категории преку почетна селекција на таленти од струмичкиот регион и ангажирање тренерски тим којшто ќе се грижи за нивниот развој.

Џио Струмица има амбиција да се врати на европската сцена по подолго време, односно да ја искористи можноста за учество во Челенџ купот на ЦЕВ. Според клупскиот рејтинг којшто се гради врз база на резултатите од минатите сезони, македонската одбојка има право на по еден учесник во машка и во женска конкуренција во Челенџ купот, а со специјална дозвола на ЦЕВ постои можност да се пријави уште по една екипа.

Се вчитува...