Голгетерот на Торино на продажба за половина цена

Напаѓачот на Торино Андреа Белоти, доби дозвола од раководството да го напушти клубот доколку некој од европските гиганти понуди 50 милиони евра. Цената звучи „смешна“ со оглед дека пред почетокот на оваа сезона челниците на „биковите“ не сакаа да слушнат за понуда пониска од 100 милиони евра за услугите на италијанскиот голгетер.

Белоти во декември 2016 година потпиша четири ипол годишен договор со калчолигашот во кој му беше ставена клаузула од 100 милиони евра која можат да ја активираат само странските клубови, но од таборот се подготвени да прифатат двојно пониска сума, бидејќи фудбалерот е далеку од формата во која беше пред неколку месеци. Целта е јасна, да се заработи што повеќе додека вреди, а Белоти поради проблеми со повреди не можеше да го даде најдоброто од себе сезонава, па така падна и неговата цена.

Во минатогодишниот италијански шампионат Белоти забележа 26 погодоци на 35 меча и заврши како трет најдобар стрелец во Серија А зад Џеко и Мертенс. Но, оваа сезона е далеку од својот сјај, само шест гола на 22 натпревари и речиси два месеци неиграње резултираа со губење на местото во репрезентацијата. Лани се интересираа Атлетико Мадрид, Челси, Манчестер Јунајтед, Арсенал, ПСЖ, и ред други еврпски великани, но неговата статистика значително го намали интересот за евентуален ангажман на лето.

Се вчитува...