Голманот Мрква донесе триумф на Чешка над Украина

Чешка славеше во Злин над Украина со убедливи 32-25, со што Чесите стигнаа до втората победа во квалификациската група во која уште се наоѓаат и Македонија и Исланд. Откако пред неколку дена беа изненадени на гостувањето во Украина, чешките ракометари и денеска се соочија со сериозен предизвик, па многу потешко од очекувањата го скршија отпорот на противникот. Голманот Томаш Мрква беше човекот на одлука, откако со низа одлични интервенции кон средината на второто полувреме им овозможи на домаќините резултатски да се одлепат и на крајот да слават убедлива победа.

Иако конечниот резултат делува убедливо, мора да се истакне дека Украинците повеќе од половина натпревар беа дури и подобар ривал на теренот. Откако гостите подобро го почнаа мечот, Чесите се разбудија кон крајот на првото полувреме, вртејќи го резултатот во своја полза за минимална предност од 14-13. Украина на самиот почеток од второто полувреме поведе со два гола, но потоа на сцена стапи Мрква, кој одбрани неколку зицери, ја крена самодовербатa кај своите соиграчи, кои издоминираа во последните петнаесет минути и стигнаа до незаслужено висока победа изразена со конечни седум  гола разлика (32-25).

Македонија утревечер го игра својот натпревар од четвртото коло, на гостински терен против Исланд. Нашиот национален тим потоа наредниот месец најпрвин во рамките од петтата рунда ќе гостува во Украина, а овој квалификациски циклус го затвораме со домашниот натпревар против Чешка.

Се вчитува...