Голманска смена – Харт и Адриан на излезна врата во Вест Хем

Англискиот репрезентативен голман, Џо Харт (31), на крајот на сезоната си заминува од Вест Хем. Лондонскиот тим го напушта и неговиот колега на голот, Адриан Сан Мигел де Кастиљо.

Според англиските медиуми, управата на Вест Хем одлучила да ги смени голманите за наредната сезона, па на крајот од оваа сезона од тимот си заминуваат и Харт и Адриан.

Харт оваа сезона беше на позајмица во Вест Хем од Манчестер Сити. Се очекуваше дека ќе му понудат договор, но на крај тоа нема да се случи. Пред почетокот на новата сезона, искусниот голман повторно ќе му се стави на располагање на менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, сепак, извесно е дека 31-годишниот голман ќе биде продаден во друг клуб бидејќи не му е многу омилен на шпанскиот стратег.

Адриан си заминува по пет години поминати во Вест Хем и клубот летово ќе бара нови решенија за голманската позиција. На голот на лондонскиот клуб, Харт сезонава настапи на 23 натпревари и прими 42 гола, а Адриан бранеше на 18 натпревари и прими 26 гола.

Се вчитува...